Најновите индиции од мистеријата околу авионската несреќа на водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, укажуваат на тоа дека во неговиот приватен авион била поставена бомба. Сопствениците на авионот, бразилската компанија „Ембраер“, открија дека немало поправки на авионот од 2019 година поради воведените санкции. Сепак, овие тврдења се спротивставени со сведочењето на стјуардесата Кристина Распопова, која на своето семејство пред полетувањето на авионот му кажала дека летот е одложен поради неопходни поправки – што дополнително ги зачинува тврдењата дека несреќата е наместена.
Дополнително на шпекулациите, се појави видео на кое се гледаат луѓе кои наводно сакаат да го купат авионот, неколку часа пред полетувањето.
Тие биле регистрирани како патници во приватен авион за да го поминат обезбедувањето на аеродромот, а потоа тврделе дека се „идни купувачи“.
Наводните купувачи, вклучувајќи жена со торба, имале пристап до авионот само неколку часа пред да се урне.
„Техничарот имал само телефон со него, а жената имала торба. По прегледот на надворешноста и внатрешноста на авионот, кој траеше околу еден час, тие излегоа од авионот. Набргу потоа во авионот се качија Пригожин, Уткин и другите патници“, се наведува на Телеграм каналот „CPC-OGPU“.
Руските власти го наведоа Пригожин како еден од 10-те патници во авионот, а синоќа рускиот претседател Владимир Путин го прекина речиси 24-часовниот молк за да им „изрази сочувство“ на семејствата на загинатите, опишувајќи го Пригожин како човек „кој направил сериозни грешки во својот живот“.
Реакцијата на Путин доаѓа откако американските разузнавачки служби оценија дека падот на авионот не е обична несреќа, но Пентагон објави дека засега нема докази за поддршка на таа теорија. Портпаролот на Пентагон, генералот Патрик Рајдер, не даде детали или докази додека зборуваше за несреќата.
Западните власти рекоа дека Пригожин „најверојатно“ бил целта, укажувајќи на бомба скриена во авионот.
На социјалните мрежи кружат неколку непотврдени теории дека „бомбата била скриена во пратка со скапо вино“. Овие наводи се појавија на Телеграм, а според нив, бомбата била скриена во гајба за вино што била натоварена во авионот неколку минути пред полетувањето. Друга верзија на истата теорија е дека експлозивот бил скриен во амбалажа на вино.
Руската веб-страница Baza, објавувајќи шеми на авионот, покажа дека преградата во близина на бањата на задниот дел од авионот е идеално место за да се скрие бомбата. Тие наведуваат дека веројатно се лажни теориите дека авионот на Пригожин бил соборен со ракета и истакнале дека на небото околу местото на несреќата немало видливи траги од ракета.
Очевидци кои биле во близина на местото на несреќата рекле дека виделе како авионот експлодира на небото пред да удри во земјата, но не виделе никаков удар на ракета.
Во меѓувреме денеска се појавија нови снимки од авионот на Пригожин.
Поддржувачите на Пригожин тврдеа дека авионот бил намерно соборен – можел да биде погоден со проектил или да била поставена бомба во авионот.
Жителката на селото Куженкин, во близина на кое падна авионот, Анастасија Бухарова (27), изјави дека се шетала со своите деца кога го видела авионот. Се плашела дека авионот ќе удри во куќите и истрчала надвор со децата.
„Нешто се откина од него во воздухот и почна да паѓа“, навела таа.
Институтот за проучување на војната синоќа објави дека руските власти најверојатно тргнале против Пригожин „за да ја елиминираат групата Вагнер како конечна форма“.
Видеата споделени од про-Вагнеровиот Телеграм канал Сива зона покажаа дека авионот паѓа од голем облак чад, а едно од крилата му недостасува.