Грчката полиција целосно потфрлил во проценката за евентуално насилство пред гостувањето на Динамо Загреб во Атина, пренесува хрватски „Јутарњи„.
Во понеделникот доцна вечерта хулигани од Динамо Загреб предизвикаа нереди од невидени размери пред стадионот на АЕК во Атина. Иако УЕФА забрани присуство на гостински навивачи, околу 200 симпатизери на Динамо дојдоа во главниот грчки град и направија тотален хаос. Во крвава пресметка со група симпатизери на АЕК животот го загуби 29-годишен навивач на грчкиот тим.
Јавноста во Грција е револтирана од полицијата која и покрај сите предупредувања не направила ништо за да ги спречи нередите.
Едно од главните прашања на кое тамошната јавност бара одговор е: Каде беше полицијата и како е можно повеќе од сто навивачи да поминат 1.500 километри без никој да ги спречи?!
Грчкиот портал „Newsbomb“ објави документи кои ги докажуваат тврдењата дека грчките власти биле информирани за можното доаѓање на хулигани од Динамо, кои се во блиски релации со навивачите на Панатинаикос – големи ривали на АЕК.
За жал, не само што не ги сфатиле сериозно информациите што ги добија од наводно сигурен извор, туку биле изненадени од трагичните сцени пред стадионот, пишува споменатиот портал.
Порталот „Newswit“ открива дека разузнавачите на Одделот за спречување насилство на спортските настани два дена пред крвавите судири знаеле дека во Атина ќе дојдат хулигани и дека писмено ги известиле сите надлежни служби.
Во тајниот документ со наслов „Фудбалски натпревар АЕК – Динамо Загреб“ се истакнува следново:
„Во вторник, 08.08.2023 година, во 21:45 часот во ОПАП Арената е закажан фудбалски натпревар од 3. квалификациско коло за Лигата на шампионите помеѓу АЕК и Динамо Загреб. Според информациите од хрватските служби се очекува дека во нашата земја ќе пристигнат околу 150 навивачи на Динамо, а според информациите кои стигнаа до нашата служба од инаку сигурен извор и кои постојано се проверуваат, во нашата земја ќе пристигнат 100 организирани навивачи на Динамо – „Bad Blue Boys“, од кои дел ќе бидат пречекани од навивачите на Панатинаикос, со кои се во братски односи. Дел од нив ќе бидат сместени преку „Airbnb“ во близина на авенијата Александра. Покрај тоа, помал број од нив можат да бидат сместени во сегашните простории на Панатинаикос на улицата Александар 115. Нашата служба ја следи работата и дополнително ќе ве контактираме за секоја нова информација“, се вели во документот.
Следниот ден бил доставен втор документ со повторно предупредување, овојпат на повикот на навивачите да се соберат пред стадионот под изговор дека ќе се преземат билетите за натпреварот. Забележано е и дека службите следат сè и дека ќе контактираат со најновите информации.