Протест на дел од матурантите, бараат скратен материјал за државната матура

од Nikola Popovski
157 прегледи

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) попладнево ќе има средба во Министерството за образование и наука за да го претстават барањето да се скрати испитниот материјал на полагањето на државната матура или да се намали бројот на интерни испити. Тие одржаа протест пред МОН на кој се придружија студенти организирани од движењето „Студентски отпор“ кои ги актуализираа нивните проблеми.

Анисија Угриновска од ОДАС изјави дека нивното главно барање е да биде скратен материјалот предвиден за матурата со оглед на сето тоа што, рече, оваа генерација матуранти го поминала во изминатите четири години.

-Поминавме низ онлајн-настава, дојави за бомби, штрајкови на професори коишто ги поддржавме, низ штрајкови на ЈСП кои го отежнаа доаѓањето на учениците во училиште. Сите овие фактори дефинитивно ќе влијаат на полагањето на државната матура. Ние сме најоштетена генерација и не сме имале една цела непрекината учебна година. Кажано ни е дека има скратен материјал, но ние немаме увид. Очекуваме средба со министерот Шаќири и таа ни е најавена за денеска, изјави Угриновска.

Барањето за скратување на материјалот, како што рече, е ефективно за сите и ургираат тоа барање побрзо да биде исполнето бидејќи полагањето на матурата почнува на 27 мај. Скратувањето на испитниот материјал им е главно барање, а намалување на бројот на интерни испити е алтернативен предлог доколку не им биде исполнето првото барање.

Денешната реакција на Средношколскиот сојуз дека не е во интерес на матурантите да се намали бројот на интерни испити, Угриновска ја оцени како задоцнета.

-Минатата недела решаваа за бесплатниот превоз во ЈСП на учениците во приватните училишта, а не се обрна никакво внимание на актуелниот проблем што ги опфаќа сите средношколци – државната матура. Не се работи само за укинување на интерен предмет туку за решение што ќе биде ефективно за сите средношколци односно скратување на материјал за полагање на матурата, рече Угриновска која додаде и дека за други нивни иницијативи не биле контактирани од Сојузот.

На протестот пред МОН беа и студенти од движењето „Студентски отпор“ а да го изразат нивниот револт дека по протестот во ноември не е остварено ништо од тоа што им било ветено на студентите од Министерството за образование и наука и Владата. Бараат зголемување на субвенцијата за оброк од 160 денари на ден наместо сегашните 120.

Слични содржини