Синдикалната организација при Министерството за култура денеска од зградата на Министерството за финансии го искажа незадоволството од ниските месечни примања на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културно наследство и Агенцијата за филм.
-Платите на скоро 70% од вработените во овие три институции се под просечната плата во земјава. Разликата со платите на вработените во истите позиции во установите од областите на културата е и по 10.000 денари. Бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Одоговорноста на вработените од Финансии е огромна, но да потсетиме дека Министерството за култура ја сервисира работата на 70 национални и 49 локални институции од областа на културата. Бараме сериозен пристап – државата не може за едни да биде мајка, а за други маќеа. Затоа ги повикуваме и нашите колеги од другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Државната администрација не треба и не смее да се потценува со некакви квалификации – нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана, кажаа од Синдикалната организација, при што одржаа мирен протест.
Од таму информираат дека станува збор за околу 200 луѓе кои се засегнати.