Протест пред кривичен суд: Измените на Законот за канабис, треба да бидат приоритет на новата влада

од Берта Китинска

Протест за декриминализација на марихуаната и поддршка на активистот Филип Достовски се одржа денеска пред зградата на Основниот кривичен суд во Скопје.

Претседателот на здружението Зелена национална агенда за Македонија – ЗНАМ Огнен Узуновски, рече дека судењето на Достовски, кој е првиот активист за легализација на марихуана, трае неколку години и го гледаат како причина за надополнување на предложените законски измени и декриминализација на канабисот.

– Со надополнување на законот ние сакаме да го прекинеме црниот пазар, да ја сопреме достапноста на канабис за малолетни лица и државата да има финансиски бенефит од самата билка. Сите корисници да бидат регулирани и пријавени во Агенција за канабис. Да може секој пријавен возрасен над 21 година да одгледува канабис дома, доколку е болен од посериозна болест да може повеќе. Да може секој пријавен и полнолетен член да поседува одредена количина во џеб на улица, да може да се отворат социјални клубови, преку кои билката ќе биде целосно регулирана и оданочена со 40 до 50 проценти, изјави Узуновски.

Посочи дека ваквните измени на Законот за канабис, треба да бидат приоритет на новата влада и еден од првите десет закони во Собрание.

Судот на Филип Достовски, кој боледува од вид канцерогена болест, денеска му одреди условна казна за недозволено производство на масло од канабис.

– Во аптеките нема ништо што мене ми одговара. Нормално е дека мора сам да си го направам, изјави Достовски, пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Слични содржини