Протест против Курти и ЗСО: Фрлена димна бомба кон зградата на владата во Приштина

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку граѓани денеска се собраа на главниот плоштад во Приштина „Захир Пајазит“ протестирајќи против актуелниот премиер Албин Курти и Охридскиот договор. Насобраните демонстранти потоа се упатија кон зградата на косовската влада, каде фрлаа димни бомби и кренаа бели знамиња, јавува репортерот на Euronews Srbija.

Како што навел еден од организаторите на протестот, претседателот на Социјалдемократската партија, Дардан Молиќ, белите знамиња се знак дека косовскиот премиер Албин Курти се предал во Охрид, а црниот чад пред владата, дека граѓаните на Косово се во мрак поради „непромислените постапки на нивниот премиер“.

Протестот беше организиран во знак на неприфаќање на делот од договорот од Охрид кој се однесува на формирање на Заедница на српски општини. Поради, како што претходно најавија организаторите, „предавство и откажување од се што вети“, демонстрантите побараа оставка од Албин Курти.

Учесниците на протестот ги симнаа сино-жолтите знамиња со територијата на Косово од јарболот на влезот во зградата на косовската Влада, а на нивно место закачија бели знамиња, покажувајќи дека, според нив, Курти се предал кога бил постигнат договор во Охрид.

Организатор на протестот е Социјалдемократската партија, отцепеното крило на движењето Самоопределување на Курти, а беше поддржан од Здружението на ветерани на таканаречената Ослободителна војска на Косово и неколку пратеници на Демократската партија на Косово, поранешниот лидер Хашим Тачи.

Слични содржини