Во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, ја изразуваме нашата почит и благодарност кон сите жени кои се бореле и кои и денес се борат за еднакви права и подобра положба во општеството. Собранието на Република Северна Македонија, токму во таа насока, веќе трета година по ред одржува пленарна седница посветена на прашањата за родовата еднаквост, иницијатива која започна во 2022 година кога парламентарното мнозинство беше предводено од СДСМ. Но, да се зборува за родова еднаквост, за заложби и достигнувања, додека само пред неколку дена од собраниската говорница беше изречена тешка навреда и дискриминација кон жените – е крајно лицемерно и срамно, велат од пратеничката група на СДСМ преку соопштение.
Обвинуваат дека министерката за финансии Гордана Кочоска, со своите навредливи и понижувачки зборови, покажа крајно непочитување кон жените во општеството. Сметаат дека она што е уште позагрижувачко е што не следеше никаква реакција ниту од неа ниту од Собранието ниту од Клубот на пратенички.
-Овој молк е подеднакво загрижувачки како и навредите што беа изречени. Пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ во Клубот на пратенички спречија институционална реакција и осуда на дискриминацијата. Иако првично се согласија дури и со ублажени формулации, добија наредба од партијата и истиот ден се повлекоа. Кога молчиш пред навредите, пред дискриминацијата, тоа значи дека ги поддржуваш, додадоа од ПГ на СДСМ,
Денешната седница, додаваат оттаму, треба да биде простор за дебата за правата и положбата на жените, но како да учествуваме во дискусии кога истите тие кои требаше да реагираат – молчат?
-Нема да учествувавме во лицемерни процеси и да прифаќаме молк пред неправдите. Затоа, пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува на пленарната седница посветена на 8 Март. Нашето отсуство е протест против неправдата, дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените. Дополнително, пратеничките од СДСМ и коалицијата нема да учествуваат во работата на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности во Собранието, се додека не видиме конкретна акција и осуда на навредливите изјави, кажаа од пратениците на СДСМ.