Во пресрет на новиот протест на движењето „Нè има“, кој е закажан за 11 часот, кога почнува седницата на Парламентот на Црна Гора, на која се очекува повторно да се изгласа Законот за претседател, неколку стотини возила на црногорски граѓани ги блокираа приодите кон Собранието на Црна Гора, како и некои патишта на приодот кон Подгорица, јавуваат подгоричките медиуми.
„Протестот ќе трае цел ден, додека не го видиме исходот од гласањето на Законот за претседател, по што ќе ја информираме јавноста за натамошните чекори и потези што ги подготвуваме“, соопштија претходно од Движењето.
„По денешниот колапс на преговорите, јасно е дека дел од политичките партии се подготвени да одат до крај во рушење на уставниот поредок и уништување на државата, а одговорот на граѓанската и европска Црна Гора е обврска на секој одговорен поединец во земја“, соопштија од Организациониот комитет на Движењето „Нè има“.
„Како што веќе најавивме во претходните денови, Движењето ‘Нè има’ нема да се откаже од своите барања и нема да има компромис со одбрана на државните интереси. Затоа ги повикуваме граѓаните да бидат подготвени и да ги следат нашите упатства во текот на целиот ден за соодветно да одговорат на очигледната намера за уривање на темелите на државата со уривање на институциите и уставниот поредок“, се вели во соопштението.
Додаваат дека нема откажување и дека решително ќе ги бранат институциите.