Протест во „Пошта“ – 1.700 вработени немаат земено плата, 60% се на минималец

-Постојано се доцни со исплатата, ако продолжи вака ќе стапиме во штрајк, велат од Синдикалната организација на „Македонска пошта“

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

Вработените во „Македонска Пошта“ денеска протестираа на своите работни места поради револтот што постојано се доцни со исплатата на плати. Велат дека овој месец се проби дното бидејќи се уште нема плата, а веќе е 23-ти јануари. Според Сашо Димитриевски, претседателот на Синдикалната организација на „Пошта“, 60% од вработените работат за минимална плата. Најавува дека протестот ќе продолжи.

-И наредниот месец ако се случи истото, на 15-ти, 16-ти (февруари) ќе застанеме со работа. Не значи дека понатаму нема да преземеме поригорозни мерки како што е стапување во штрајк. 1.700 вработени чекаат плата, а околу 300 поштари повеќе години нема решен работен статус. Овој проблем во Пошта е веќе 15-тина години, живееме на шкрги. Имаме дефинитивно лоша организација. Сите вработени низ другите градови исто така протестираат, рече Димитриевски во изјава за медиумите.

Од протестот се обрати и првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов. Порача дека луѓето протестираат за исплата и на така ниската плата.

-Срамота е да ги оставите луѓето без плата, а да изигравате шерифи и да ги напаѓате и да ги спречувате да протестираат. Нема да отстапиме од барањето за да им се исплати платата, но и да им се зголеми и да добијат опрема за работа. Сметам дека вината треба да биде кај раководството кое треба веднаш да интервенира кај Владата, рече, меѓу другото, Трендафилов на протестот.