Протест во Скопје на семејствата на загинатите во модуларната болница

од Nikola Popovski
547 прегледи

Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово најавија дека ќе продолжат со јавни протести поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Тие минатата недела на двегодишнината од пожарот организираа протест и марш во Тетово, а новиот протест го најавуваат за денес во Скопје. Протестниот марш ќе започне од 14 часот од плоштадот „Скендербег“ во Скопје и ќе заврши пред Јавното обвинителство.

На 5 јуни 2023 заврши судскиот процес за кривичните дела поврзани со пожарот во модуларната болница Тетово. Условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека, правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Во образложението на пресудата се наведува дека тие не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар, со што предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни со Ковид-19. Исто така, не постапиле според мерките и активностите од  договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па сѐ до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар.

Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сè уште води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници.

Вечерта на 8 септември 2021 година во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија. Најмалку 12 лица беа повредени.

Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории.

Слични содржини