Граѓани ќе протестираат во Скопје поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.
– Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија, кои со месеци во живото – загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години, пишува во објавата на Фејсбук и во соопштението испратено до медиуми.
Како што додаваат организаторите на протестот, се бара одговорност од некогашните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали, актуелниот министер Фатмир Меџити, од замениците Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова и актуелната, Рената Младеновска, како и од поранешниот организационен директор на Клиниката, Нехат Нухи.
Врз основа на судска наредба, минатиот петок беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, што ќе бидат предмет на анализа и вештачење.
Како што информираа од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови, поврзани со работата на Клиниката.