„Ниедна девојка не „го бара““, „Насилството не е оправдано“, „Солидарност со Приштина“, „За да не ги браните ќерките, едуцирајте ги синовите“, „Не ме пипај“ и „Не значи, значи не“, беа дел од транспарентите кои група граѓани денеска ги истакна на плоштадот Скендербег во Скопје, во знак на протест против насилството врз жените и девојчињата откако пред три дена во парк во Приштина пет лица околу седум часа силувале 11-годишно девојче.
Организаторите на протестот порачаа дека денеска протестираат против насилството што се случува, и порачаа до институциите да преземат мерки со цел спречување на слични дела во иднина. Тие истакнаа дека секој од нас е потенцијална жртва и токму затоа треба преку солидарност, едукација и поддршка сите да се едуцираат и информираат.
Во врска со овој случај, уапсени се пет машки лица, од кои на четворица им е изречена едномесечен притвор, додека, на петтиот се очекува денеска да му биде изречена казна. Меѓу уапсените има и тројца малолетници.
Илјадници луѓе се собраа денеска и во Приштина на протест што го организираше невладината организација Колектив за феминистичка мисла и дејствување.