Протест во Скопје за поддршка на Палестина: „Стоп за крвопролевањето“

од Nikola Popovski
387 прегледи

Во Скопје, на плоштадот „Македонија“, вчера се одржа митинг за поддршка на Палестина и палестинскиот народ. Собирот беше организиран од здруженијата Социјален центар Дуња и Гласни идеи, против, како што наведоа во повикот на ФБ – етничкото чистење од државата Израел врз палестинскиот народ и нападите од израелските власти изминатава недела.

Насобраните носеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за крвопролевањето во Палестина“, „Моето срце е со Палестина“, „Треба да бидете тивок кога децата спијат, но не и кога умираат“…

На протестите имаше претставници на разни граѓански организации и припадници на повеќе етнички заедници, вклучително и Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми и други, но и граѓани на Палестина и Јордан.

Паралелно со протестот насловен „Во солидарност со палестинскиот народ“, на другата страна на Плоштадот „Македонија“ непосредно пред Камениот мост се собра уште една група граѓани за поддршка на Палестинците од Газа.

Во последните судири, најлошите од 50-дневната војна во Газа во 2014 година, загинаа најмалку 181 лице, од кои 52 деца, а над 1.200 се ранети.

Од израелска страна, според АП, биле убиени десет лица, меѓу нив две деца и еден војник.

Судирите започнаа откако Израел одлучи да протера неколку палестински семејства од источен Ерусалим, а палестинското население започна да протестира против таа одлука.

Слични содржини