Протести на опозицијата во Тирана, го обвинуваат Рама за режим и корупција

од Nikola Popovski
450 прегледи

Илјадници приврзаници на албанската опозиција денеска протестираа во Тирана, обвинувајќи ја власта за корупција. Демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства кон полицијата. Дел од нив ја урнале железната ограда поставена околу главната владина зграда во Тирана, но сепак и покрај тоа, протестите завршиле мирно.

Со протестите се одбележуваат и 33 години од соборувањето на главната статуа на последниот комунистички диктатор во земјата, Енвер Хоџа.

Пратениците од опозицијата редовно ги прекинуваат парламентарните седници од октомври во знак на протест против одбивањето на левичарските социјалисти да формираат парламентарни комисии за истрага на наводните случаи на корупција во кои се вклучени премиерот Еди Рама и други високи функционери.

За време на денешните протести била изразена поддршка за поранешниот премиер и актуелен лидер на опозицијата Сали Бериша, кој е во домашен притвор додека се води истрага за наводна злоупотреба на положбата за да му помогне на својот зет да приватизира јавно земјиште и да изгради станбени згради.

Во обраќањето од неговиот стан и директно емитувано на собирот, Бериша го обвинил актуелниот премиер Рама за корупција и политички напади врз неговото семејство. Тој ветил дека повторно ќе ја отвори вратата за интеграција во ЕУ, која, како што рече, била „затворена од режимот на Еди Рама“.

На протестот не се приклучиле сите опозициски партии. Поддржувачите на едното крило на поделената Демократска партија, кои не учествуваа, го обвинуваат Бериша дека протестите ги одржува за лична корист и како начин да го зголеми бројот на неговите поддржувачи.

Поддршката за Бериша значително се намали кога САД во 2021 година и Обединетото кралство во 2022 година му забранија влез на него и на членовите на неговото семејство поради наводна вмешаност во корупција.

Слични содржини