Протести во Франција поради законот за снимање на полицијата

од Stefanija Kuzmanovska
410 прегледи

Денеска низ цела Франција се одржуваат протести поради контроверзниот закон за безбедност, кој би ограничил споделување на полициски снимки и фотографии за време на акциите.

Десетици митинзи беа организирани против законот што беше одобрен од долниот дом на парламентот оваа недела, но тој сè уште чека на „зелено светло“ на Сенатот, пренесува АП.

Групите за граѓански слободи и новинарите се загрижени дека мерката ќе ја запре слободата на печатот и ќе овозможи полициската бруталност да остане неоткриена и неказнета.

Дебатата продолжи во последните денови, откако се појавија снимки на кои се гледа како француски полицајци тепаат црнец, што предизвика бес низ целата земја.

Францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше вчера, велејќи дека снимките се „срамота за нас“.

Видеото што се појави во четвртокот го покажа тепањето на музичкиот продуцент Мишел Зеклер, по снимката од бруталната полициска евакуација на мигрантите во вторникот во Париз.

Полициските службеници вклучени во тепањето на Зеклер се суспендирани додека не се спроведе внатрешна полициска истрага.

Членот 24 од новиот закон криминализира објавување слики на полициски службеници на должност со намера да го наруши нивниот „физички или психолошки интегритет“. Секој кој е прогласен за виновен може да биде осуден на затворска казна од една година и парична казна од 45.000 евра.

Демонстрантите кои повикуваат на повлекување на законот тврдат дека тој се спротивставува на „основните јавни слободи на нивната демократија“.

Слични содржини