Активистите против абортусот и поддржувачите на легалниот абортус излегоа на улиците на Вашингтон по веста дека Врховниот суд на САД може да ја поништи пресудата Роу против Вејд од 1973 година со која се легализира абортусот ширум Соединетите држави.
Американскиот портал „Политико“ објави дека неофицијалната мнозинска судска одлука која протече во јавноста вчера сугерира дека Врховниот суд на САД ќе гласа за поништување на одлуката донесена во случајот Роу против Вејд, со кој во 1973 година се легализираше абортусот во САД.
„Ројтерс“ досега не можеше да ја потврди оваа информација од независни извори, но доколку е точна, би било преседан предлог-одлуката на Врховниот суд да биде јавно објавена пред нејзиното официјално објавување, пренесува „Танјуг“.
Само неколку часа откако „Политико“ ја објави информацијата, група револтирани демонстранти ги повикаа демократите во Конгресот да преземат чекори за заштита на правото на абортус, истовремено осудувајќи ја можната одлука да им се ускрати правото што го сметаат за основно човеково право.