#Протестирам е граѓанско движење за мир, правда, демократизација на институциите и оставка и одговорност на сегашната Влада. Тие вечерва повторно чекорат и мирно протестираат по улиците на Скопје. Бараат слобода за себе , за оние кои беа упасени на последните протести и за сите граѓани мирен и нормален спокоен живот

Порачуваме дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш!
Токму затоа, нашите барања се:
1) итна оставка и преземање одговорност на целата Влада;
2) итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
3) формирање на Влада за демократизација на институциите.
Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!
На 5 мај 2015, стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести земаа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент. Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации и според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент граѓанскиот сектор увиде големи пропусти при што бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност.
Ние сме побројни, посплотени и посолидарни од било кога претходно. Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија кои не можат веќе да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да ни се приклучат, заедно, во надетничкото, натпартиското, автентичното граѓанско движење за правда и мир!
Ќе победиме!