Протестите за повисоки плати и пензии немаше да се случат доколку многу порано се намалеа платите на функционерите

од Nikola Popovski
460 прегледи

Во исчекување на најавеното решение за функционерските плати, познавачите на состојбите излегоа со неколку сугестии, а заедничка основа на сите е потребата од долгорочен модел, и тоа во пошироки рамки. Тргнувајќи од примесата дека иницијалниот мотив е желбата да се покаже солидарност со граѓаните чиј животен стандард се повеќе тоне, дел од експертите изразуваат сомнеж дека работите ќе се решат со закон кој што ќе се однесува само за избраните и именуваните функционерите кои добија зголемување врз основа на Одлуката на Уставниот суд. Оттука, според професорот Борче Давитковски станува збор само за палијативно, времено решение што за кратко време пак ќе предизвика криза.

Борче Давитковски

-Конечно во оваа држава треба да се донесе единствен Закон за плати, во кој ќе се предвиди најниската (минимална или просечна) плата и највисоката плата (која ќе се добие врз основа на коефициентот за пондерирање кој вообичаено е 4 и 5) што ќе се исплаќа од Буџетот на државата. На овој начин долгорочно ќе се знае, согласно коефициентот колку ќе изнесува и зголемува платата во споредба со минималната или просечната плата кои се променливи категории, вели професорот Давитковски за Локално.

Економистот Марјанчо Николов смета дека иако е неопходно е да се ослободат парични средства за реализација на антикризни мерки, намалувањето на платите на функционерите според него, требаше да се случи многу порано, кога Уставниот суд одлучи тие да се зголемат за 78%. Упатува на внимателност за тоа какво ќе биде конечното решение на Владата односно за колкав процент би се намалиле платите и колкава ќе биде конечната сума на ослободени пари.

-Очекувам Владата да се солидаризира со граѓаните кои оправдано, многу бурно и со неправдување реагираа на зголемувањето на платите за 78 % по одлуката на Уставен суд, што доведе до многу протести и барања за корекција на платите во многу државни институции како и барања за повисоко линеарно зголемување на пензиите на пензионерите.Во некои институции протестите се ставени во мирување и течат преговори во однос на барањата на вработените, а протестите на пензионерите сеуште траат.Мислам дека сите пратеници и пратенички групи како и Владата требаше многу порано да реагираат по одлуката на Уставениот суд и истите да ги намалат, вели Николов за „Локално“.

Марјанчо Николов

За него е повеќе од очигледно дека дел од протестите што сега се случуваат со барање за повисоки пензии и повисоки плати во јавниот сектор, не би се случиле поради зголемувањето на платите на функционерите, туку поради намалувањето на животниот стандард на вработените и пензионерите, високата инфлација и зголемувањето на цените – пред се на храната и енергенсите. Намерата на Владата со корекција на платите да се обезбедат 70 милиони евра кои би се искористиле за нов пакет антикризни мерки, за Николов е добра, но доколку мерките бидат насочени кон најранливите и најпогодени категории граѓани кои поради високите цени не се во можност да ги задоволат потребите за храна и лекови.

-Димензионирањето на видот и начинот на помошта и обемот на антикризните мерки за најранливите категории граѓани треба да биде добро анализиран и таргетиран во согласност со уставното начело дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се еден од темелните вредности на нашата држава која треба да се грижи за своите граѓани со цел што помал број од нив да бидат сиромашни и да имаат повисок животен стандард. Тоа значи дека средствата или помошта треба да ја добијат оние кои не можат или најтешко се справуваат со инфлацијата и економската криза, објаснува Николов.

Владата во меѓувреме формираше работна група од министри кои треба да изработат решение за платите на функционерите , кое нема да биде предмет на поништување на Уставниот суд. Според премиерот Ковачевски, веќе е отворена дискусија како треба да изгледа моделот. Заложбата е да се постигне усогласување на платата на поприфатливо ниво кое истовремено ќе биде издржливо.Решението треба да биде дефинирано во наредните недела или две.

К.В.С.

Слични содржини