Јавното обвинителство денеска информира дека против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко активни се шест предмети. Најголем дел се дека тој сторил злоупотреба на службена положба и овластувања. Според објавеното, се водат постапки во струшкото обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Од Обвинителството се децидни дека за сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност.
-1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и преема дејствија за проверка на наводите.
2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.
3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.
4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.
5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.
6. РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, велат преку соопштение од Обвинителството.
Додаваат дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките.
-Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, стои во соопштението.
Мерко пред два дена беше ставен на црната листа на САД, поради вмешаност во значителна корупција, мешање во судски процеси, но и поткопување на довербата во институциите.
-Aкцијаta испраќа порака дека Соединетите Американски Држави стојат покрај Северна Македонија во промовирањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците поврзани со владеењето на правото, посочува Стејт департментот.
Струшкиот градоначалник се уште се нема огласено, а реакција нема ниту од неговата матична партија ДУИ.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека Мерко треба сам да си поднесе оставка како морална одговорност, бидејќи никој не може да го разреши оти е избран на директни избори од граѓаните.