Поранешниот шеф на Кабинетот на екс премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер реагираше на информациите во медиумите за неговото сведочење во случајот „Плацевите на Водно“. Тој вели дека во текстовите каде се пренесува неговиот исказ и се кажува дека го потврдил обвинението, се „целосно извадени од контекст“.
Протоѓер реагира по низата натписи дека тој наводно ја потврдил тезата на обвинителката Лиле Стефанова во случајот, сведочејќи дека Груевски лично наводно му кажал оти купил плац од 10.000 квадрати.
„Практично таквиот контекст е тотално неточен и неприфатлив. Апелирам во интерес на вистината и јавноста, да се пренесат внимателно сите аспекти од моето сведочење од причина што бев доста внимателен во изборот на зборови, токму несакајќи да се добие погрешен впечаток, а свесен за интересот на јавноста и политичкиот контекс во кој се ставаат овие сведоштва. Се со цел да се помогне на судот и јавноста да ја дознаат вистината. За жал ваквите наслови не придонесуваат во тој контекст им ги оправдуваат тврдењата дека се работи за политичка пресметка со некои од засегнатите страни на сметка на вистината“, се вели во реакцијата на Протоѓер
Апелира притоа внимателно да се прочитаат записниците од неговиот исказ и да се гледаат во контекст во кој се дадени.
„Ја сфаќам потребата од сензација, но мора да се сфати и важноста на секој напишан или искажан збор затоа што само така ќе може јавноста реално да оцени која е вистината и што всушност се случувало“, се истакнува во реакцијата.
Протоѓер предупредува на извлекување од контест на изјави, оценувајќи го за тенденциозен манир кој во одредени медиуми се практикува кога станува збор за него, но дека овојпат реагира затоа што таквите шпекулации и невистини се однесуваат и на други личности.
„Јавниот линч, стигматизирање, вадење од контекст на разни изјави, ставање во сосема различни рамки, нешта кои меѓудругото и мене ми се случуваа долги години, вклучително до ден денес, не е начин како да се дојде до правдата и се далеку од вистината и потсетуваат на времиња од еден друг век…
Јас одбрав да стојам настрана од сѐ, и дури и на најгнасните лаги против мене пласирани со години веќе, од најразлични страни, одбрав да не одговорам, свесно, и по цена цела јавност да добие сосема различен и крајно негативен впечаток за мене од тоа што вистински сум, но овојпат сакам да одговорам затоа што не се работи само за мене лично, туку и за многу други луѓе чии судбини се одлучуваат“, се истакнува во реакцијата на Протоѓер.
Поранешниот премиер и азилант, Никола Груевски се огласи од Будимпешта, реагирајќи на сведочењето на Протоѓер.
Според бегалецот, неточна е изјавата дека купил плац од 10.000 метри квадратни на Водно.
-За воља на вистината тој веднаш се корегирал на некој начин и тоа со три интервенции.
Првата е што кажал дека тоа околу Водно, еднаш сум му го спомнал некаде во 2010/2011, но кратко потоа пак сум продолжил да зборувам за потребата од барање живеалиште во Сопиште и тоа во повеќе наврати, по што, како што денес тој кажал, сфатил дека тоа наводно купување земјиште на Водно, не се реализирало.
Покрај ова тој додава и дека кога опозицијата ме нападнала за истото во 2015 година, јас јасно сум му кажал дека тоа што ме напаѓаат не е точно и сум побарал да се демантира, а потоа и лично го демантирав.
Третото негирање на некој начин е што Протогер, сакајќи да угоди на обвинителството искажувајки невистина, направил и една прилично голема грешка, која само докажува дека не ја говорел вистината, а тоа е дека кога наводно сум му го кажал тоа тој сватил дека тоа е во близна на куќата на бизнисменот Ристо Гуштеров, пишува Груевски.
Тој додава дека „во изминатите една година читал многу шпекулации низ медиумите и слушав од некои поединци околу тоа како Протуѓер панично се обидувал да се спаси од прогонот, умилкувајќи се на Заев и на обвинителството“.
-Ако е тоа точно, а повеќе непотврдени различни извори говорат за тоа, тогаш тоа е поразително за него како личност и би ми било многу жал што еден мој соработник за кој имав многу подобро мислење, спаднал на такви ниски гранки, смета екс премиерот.