Министерството за образование и наука соопшти дека подготвило акциски план кој предвидува промена на начинот и поедноставување на постапките преку кои граѓаните можат да се обратат за да добијат одредена услуга со цел остварување на одредено право.
„ По конкурсите за стипендии, се дигитализира и постапката за признавање на образовни квалификации од основно, средно и високо образование стекнати во странство. За таа цел, изготвени се електронски услуги преку кои ќе може да се поднесува барање за нострификација и еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од Република Северна Македонија, заедно со сите неопходни документи согласно постоечките правните прописи, а воедно и ќе се врши електронско плаќање. Изработениот позадински софтвер овозможува електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството за образование и наука“ велат од МОН.
Кон електронските услуги може да се пристапи преку Националниот портал за е-услуги www.uslugi.gov.mk, со едноставно пребарување.
Процесот на дигитализација на оваа услуга е реализиран со поддршка од Центарот за управување со промени и Британската амбасада во Скопје.