Провокација на која не треба да ѝ се обрнува внимание, рече Борисов за изјавата на Мицкоски

од Nikola Popovski
154 прегледи

Апсолутна провокација на која не треба да ѝ се обрнува внимание – вака лидерот на владеачката бугарска партија ГЕРБ и екс-премиер, Бојко Борисов ја коментираше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Борисов смета дека бугарското Министерство за надворешни работи реагирало соодветно и дека тоа е согласно нивните надлежности.

Вчера МНР на Бугарија изрази длабоко разочарување и остро ги осудува најновите изјави. Овие изјави, според бугарската страна, ја искривуваат реалноста и ги поткопуваат напорите за добрососедски односи и европска интеграција. Во соопштението се нагласува дека прашањето за правата на Бугарите во Македонија не е билатерален спор, туку прашање што се однесува на европските вредности и стандарди. Напредокот во евроинтеграциите, според Бугарија, е можен само доколку Македонија целосно го спроведе Европскиот консензус договорен од Советот на ЕУ во 2022 година, кој вклучува и измени на македонскиот Устав.

Бугарското МНР потсетува дека голем број граѓани на Македонија стекнале бугарско државјанство, прифаќајќи бугарски корени и идентитет.

Со свој став и лидерот на ИТН, Слави Трифонов. Се лути затоа што Мицкоски, пред Собранието во Скопје изјави дека не гледа причина за внесување на Бугарите во Уставот.

„Мицкоски порача и дека во Република Северна Македонија, според него, живеат околу 700-800 Бугари кои бугарски го прогласуваат за мајчин јазик. Сега ќе ви кажам што мислам за тоа. Толку сум уморен од овие луѓе. Не можам да кажам дали станувам лут или тажен. Овој Мицкоски беше демократски избран. Прекрасно се сеќавам како за време на изборите целата негова предизборна кампања се базираше на омраза. Затоа го избраа него. И сега така зборува за оние што го избраа. Бугарија ги призна прво како држава, и покрај целата наша историја, и покрај целата фикција што ја претставуваат, и покрај сите глупости кои со години ги зборуваат против нас, и повеќе, и така натаму. И покрај сето ова, претседателот Желев, неговиот мал прст, ги препозна како први во целиот свет како независна држава. И покрај тоа, и покрај сите компромиси направени од сите бугарски влади, сите бугарски премиери, сите Бугари воопшто. Не грам благодарност, грам почит, грам логика. Нема ништо. Само омраза. Сепак, таму има луѓе кои се чувствуваат како Бугари, а Бугарија е секаде, каде живее и еден Бугарин. Тие се оние за кои треба да се грижиме, тие се оние на кои треба да мислиме и треба да се грижиме за нив. И дотичниот Мицкоски, оние што го избраа и оние што уживаат во тоа што го кажува, што се однесува до мене, сите оние, предводени од Мицкоски, преку криви макарони ќе ја видат Европската Унија. Преку многу криви макарони“, напиша Трифонов на Фејсбук.

Мицкоски вчера нагласи дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.

-На пописот во 2011 година во Албанија има декларирано 5,5 илјади Македонци. Сега има околу 2300. Вие рековте 2000, еве јас ќе ве исправам отприлика се 2300 и некаде осум илјади илјади Бугари. А во пописот во 2011 година во Албанија има нула Бугари. Прашањето е следно:  Ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе осум илјади Бугари, а во 2011 година 5,5 илјади Македонци а сега има 2300, теоретски останатите три илјади да потпаднале под асимилаторската бугарска политика, како што вие велите, овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до осум илјади, што се, Албанци? Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде, рече премиерот како одговор на пратеничкото прашање на Димитар Апасиев околу можноста за отворање на македонски конзулат во албанскиот град Корча.

Слични содржини