„Единствената опција која ја имаме е да ги удвоиме напорите и напорно да работиме. За да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи, со ЕУ. Можеме секако да зборуваме зошто не можело или како требало, но не, нашата опција е да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина. Затоа кажав и пред вас повторувм уште еднаш, пругата кон Бугарија станува реалност“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски од граѓанската трибина во Крива Паланка.
Тој додаде дека железничкиот Коридор 8, 30 години стои во место и е нарекуван „Пругата наречена надеж“, но кажа дека Владата предводена од СДСМ ќе ги засука ракавите и ќе го реши овој проблем и ќе ја заврши пругата.
„Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори. Оваа економска и енергетска криза со која се соочуваме ни предочи многу јасно колку е важна регионалната соработка и поврзаност и секако добрососедството“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека СДСМ не бега од предизвиците, туку се посветува на нивно решавање за подобра иднина на народот.