Во пресрет на Оскарите, фановите беа изненадени од фактот што годинава нема да има црвен тепих. Ѕвездите ќе шетаат по тепих во боја на шампањ на 95-тото доделување на наградите, пренесува магазинот „People“.
– Мислам дека одлуката наместо црвен тепих да се стави тепих во боја на шампањ покажува колку сме сигурни дека нема да се пролее крв – се пошегува овогодинешниот водител на наградите Џими Кимел.
Одлуката за промена на бојата ја донеле креативните консултанти Лиза Лав, долгогодишна соработничка на Вог и Раул Авила, креативен директор на гламурозната Мет Гала во Њујорк. Дополнително, тепихот ќе биде делумно покриен поради можни временски услови.
Организаторите не кажале ништо дали со оваа промена планираат да започнат нова традиција, туку дека ова е само идеја да внесат нешто ново и дека се надеваат дека тоа ќе им се допадне на присутните.
Црвениот тепих датира од 1961 година, кога во Санта Моника се одржа 33-тото доделување на Оскарите. Пошироката јавност не го виде црвениот тепих во полн сјај на телевизија сè до 1966 година, кога за првпат доделувањето на Оскарите беше емитувано во боја.
Овогодинешното доделување на Оскарите започнува во понеделник во 02:00 часот по европско време (или 20:00 часот по локално време во Лос Анџелес).
Фото: AMPAS, Matt Petit