Националните комисии за УНЕСКО на Република Северна Македонија и на Република Албанија, утре (12 јули) во Охрид ќе ја одржат првата заедничка седница. Работната средба ќе ја координираат министерките за култура на двете земји, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, кои се и претседателки на Националните комисии за УНЕСКО.
На седницата посветена на идната координација во контекст на заедничкото управување со Охридскиот Регион, во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО, ќе учествуваат и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини како и неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси.
На седницата ќе се дискутира за Нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, а ќе бидат дефинирани и приоритетите и следните чекори за заедничко дејствување. Предвидено е и потпишување на заедничка изјава во насока на зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион.
На состанокот, министерките за култура Стефоска и Маргарити ќе потпишат и Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерствата за култура на Република Северна Македонија и Република Албанија за периодот од 2021 до 2026 година.