Прва изјава на Асад по евакуацијата

од Nikola Popovski
58 прегледи

Поранешниот претседател на Сирија, Башар Ал-Асад, на официјалниот профил на претседателската прес-служба на Телеграм објави соопштение во кое наведува дека во Дамаск останал до раните утрински часови на 8 декември, а Сирија ја напуштил вечерта истиот ден.

„Моето заминување од Сирија не беше планирано и не се случи во последните часови додека траеја борбите, како што тврдат некои.

Напротив, останав во Дамаск и ги извршував моите должности како претседател до раните утрински часови во неделата на 8 декември“, се вели во документот насловен како „Објаснување на претседателот Башар Ал-Асад за околностите кои доведоа до неговото заминување од Сирија“.

Асад додаде дека „кога терористите влегле во Дамаск“, отишол во Латакија „во координација со руските сојузници и за дополнително следење на воените операции“, а вечерта на 8 декември полетал за Русија.

Тој додал дека дознал за падот на Дамаск по пристигнувањето во руската воздушна база Хмејмим.

„По пристигнувањето во воздухопловната база Хмејмим тоа утро, стана јасно дека нашите војници целосно ги напуштиле сите борбени линии и дека последните воени позиции се уништени“, се вели во соопштението.

Поранешниот сириски лидер тврди дека „ниту еднаш за време на настаните во Сирија“ не ја разгледал можноста да поднесе оставка и да избега од земјата.

„Во ниту еден момент за време на неодамнешните настани не размислував за можноста да поднесам оставка или да побарам азил во друга земја, ниту пак добив такви предлози од некого“, се вели во соопштението.

Асад нагласува дека има намера „да ја продолжи борбата против инвазијата на милитантите“, но во исто време истакна дека, според него, „кога земјата ќе падне во рацете на терористите, секоја позиција во неа го губи своето значење, исто како што мојот престој во земјата го изгуби своето значење“.

На крајот од соопштението Асад посочува дека се надева оти Сирија повторно ќе биде слободна и независна.

Ситуацијата во Сирија

Претставници на вооружената опозиција во Сирија претходниот викенд на државната телевизија објавија дека воспоставиле контрола над земјата. Сирискиот премиер Мухамед Гази Ал-Џалали рече дека останува во земјата, заедно со неколку министри и дека не знае каде е министерот за одбрана. Тој рече и дека воспоставил контакт со раководството на вооружената опозиција.

Министерството за надворешни работи на Русија подоцна соопшти дека Асад, по преговорите со голем број учесници во сирискиот конфликт, одлучил да поднесе оставка од функцијата и ја напуштил Сирија, давајќи инструкции за мирен трансфер на власта.

Во моментов, Асад е со семејството во Москва. Русија им даде азил од хуманитарни причини. Руските власти се во контакт со претставници на вооружената сириска опозиција, чии лидери ја гарантираат безбедноста на воените бази и дипломатските институции на Русија на територијата на Сирија.

Слични содржини