Обвинителството на Босна и Херцеговина побара од полициските служби во земјата да го приведат на сослушување лидерот на босанските Срби Милорад Додик и уште двајца високи функционери на Република Српска кои одбија доброволно да одговорат на поканите на обвинителството, беше потврдено во средата.
Додик, како и премиерот на Република Српска (РС) Радован Вишковиќ и претседателот на Националното собрание на ентитетот Ненад Стевандиќ, се под истрага поради сомнение дека сториле кривично дело обид за уривање на уставниот поредок на БиХ.
Портпаролот на СНСД и делегат во Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Радован Ковачевиќ реагирал по издавањето наредба за приведување на Додик. Ковачевиќ во својата реакција тврди дека РС со своите активности не го напаѓа уставниот поредок на БиХ, а важно е да се истакне дека неговата изјава е побиена пред се со одлуката на Уставниот суд на БиХ за привремено суспендирање на спорните закони донесени од Народното собрание на РС, пренесува „Н1 БиХ“.
„Никој нема и не може да го уапси државниот врв на Република Српска. Република Српска не врши никаков напад врз уставниот поредок, туку напротив, носи одлуки на кои има право според Уставот на БиХ и Република Српска“, рекол Ковачевиќ.
Тој упатил и низа навреди против високиот претставник Кристијан Шмит и државните правосудни институции.
„Начинот на кој неуставното Обвинителство на БиХ се обидува да го инкриминира државното раководство на Република Српска уште еднаш се заснова на неуставни, неовластени и незаконски измени на Кривичниот законик на БиХ од страна на нелегален и нелегитимен странски државјанин, Кристијан Шмит.Целата оваа криза во БиХ беше предизвикана од странецот Кристијан Шмит, кој на неуставен и недозволен начин се вмеша во законодавниот процес во БиХ, со што му овозможи на неуставниот суд и Обвинителството на БиХ да извршат политички и незаконски прогон на претседателката на Република Српска“, соопштил Ковачевиќ.
Тој истакнал дека ентитетот на РС „ќе го продолжи процесот на донесување политички одлуки на кои му следува според Уставот“.
„Секаква форма на радикализација од Сараево ќе наиде на жесток одговор од Република Српска. Политички и институционален“, заклучил Ковачевиќ.