Третата фаза од развојот на вакцината против коронавирусот на Универзитетот во Оксфорд и компанијата „АстраЗенека“ беше стопирана откако еден учесник во истражувањето разви сериозни реакции. Ова предизвика реакција и од Кремљ, бидејќи Русија е првата земја што регистрира вакцина против Ковид-19.
Паузата во истражувањето ја покажува важноста на пакетот вакцини како и во Русија, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Оваа ситуација ја потенцира важноста секоја земја да има неколку вакцини во својот пакет. Ова обезбедува посигурни резултати од тестовите, одговори Песков на прашањето дали Русија е загрижена за својата вакцина поради ситуацијата со „АстраЗенек“, пренесува Спутник.
Тој додаде дека вакцините се доста различни.
„АстраЗенека“ се базира на вирусниот вектор на шимпанзата, додека руската вакцина е на човечка основа“, посочи Песков.
Кремљ предупреди и на обидите за политизирање на развојот на вакцините.
– Ние секогаш гледавме негативно на обидите за политизација и поврзување на политиката со што било поврзано со тестирање и истражување на вакцини – рече Песков.
Да потсетиме, рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, објави дека третата фаза од клиничкото испитување на руската вакцина започнала по регистрацијата, и дека првите волонтери биле вакцинирани.
– Скоро 31.000 сакаа да учествуваат за само десет дена – рече тој.
Русија ја регистрираше вакцината на 11 август и ја нарече „Спутник V“. Земјата веќе има добиено нарачки за милијарда дози од најмалку 20 земји.