Првата „бомба“ на Њукасл: Испратена понуда за ѕвездата на Барселона

од Nikola Popovski
542 прегледи

Фудбалскиот клуб Њукасл треба да претрпи голем број промени во текот на зимскиот преоден рок, а една од најголемите се однесува на позицијата голман.

„Црно-белите“ во моментов како опции ги имаат Словакот Мартин Дубравка, Англичанецот Карл Дарлоу, Фреди Вудман и Ден Ленгли, но тоа нема да биде така уште долго.

Њукасл ја има првата задача да опстане, со оглед на тоа што по десет кола има скор од четири нерешени и шест порази, што е доволно за 19. место на табелата.

За исполнување на првичната цел потребно е да пристигнат засилувања, особено во последната линија, со оглед на тоа што тимот ја има втората најлоша одбрана во лигата со 23 примени гола (единствен полош е Норич со 25), а камен-темелник на новиот Њукасл треба да биде Марк-Андре Тер Штеген, голманот на Барселона.

Германецот кој ја чува мрежата на каталонскиот гигант е на листата на желби, а како што пренесува германски Скај Спорт, на адреса на Барселона за неговите услуги пристигнала понуда од 55 милиони евра.

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта истакна дека Тер Штеген е еден од најважните играчи на овој тим, но понудата што пристигнала во Каталонија треба да биде доволна, со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓа овој гигант.

Сепак, Барселона би можела да биде помал дел од проблемот во овој случај, бидејќи наводно Тер Штеген не е премногу расположен да ја замени сончевата Шпанија со дождливата Англија.

Тер Штеген во Барселона пристигна во 2014 година од Борусија Менхенгладбах, а за германската репрезентација од 2012 година одигра 26 натпревари.

Слични содржини