Првата група Рафали пристигна во Хрватска

од Симе Стоиков
733 прегледи

Првата група од шест повеќенаменски борбени авиони Рафали денеска пристигна во Хрватска, а на пречекот присуствуваа државниот врв, претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.

Милановиќ рече дека со купувањето на Рафал, Хрватска добила модерно воздухопловство со речиси најнова технологија.

„Оние кои работеа на ова завршија добра работа, и нема сомнеж во тоа. Ова е можност да се потсетиме на оние кои први го бранеа хрватското небо и загинаа во тој процес. Има и луѓе кои го земаа она што беше наше во тешките времиња, а тоа се авионите на поранешната ЈНА. Тие први момци беа претходници на денешните“, рече Милановиќ.

Тој потсети на Рудолф Перешин и другите пилоти кои, како што наведе, „приредиле чудо“, како и на Данијел Боровиќ, кој бегајќи од ЈНА од Бихаќка, во февруари 1992 година го донел првиот борбен авион во Хрватска.

За купување на Рафалите од државниот буџет во периодот од 2021 до 2026 година се обезбедени вкупно 1,13 милијарди евра. За оваа година се издвоени речиси 225 милиони евра, за следната 65 милиони, додека од буџетот за 2026 година ќе бидат издвоени речиси 18 милиони евра.

Примопредавањето на првиот авион Рафал се случи на 2 октомври минатата година во воздухопловната база Мон-де-Марсан во Франција. Во Хрватска до крајот на оваа година треба да има осум авиони, а останатите четири авиони се очекуваат до крајот на првиот квартал од 2025 година.

Слични содржини