Во експлозијата што се случи во Пржеводов, место во Полска во близина на границата со Украина, две лица загинаа по удар на ракети, јавуваат медиумите.
Пржеводов е мал град во регионот Хрубјешов, известува „Wyborcze“, на само шест километри од границата со Украина.
Експлозијата се случила вчера околу 15 часот и 35 минути во реон каде работат земјоделски компании, а се слушнала во радиус од најмалку 15 километри, како што јавува репортерот на овој медиум од местото на настанот.
Според „Wyborzcze“, експлозијата се случила веднаш до уредот каде што вработените во компанијата мерат жито. Жртви на експлозијата биле вработен во фирмата кој мерел жито и еден од земјоделците кои донеле пченка на мерење. Двајцата починале на лице место. Зградата во која се наоѓала вагата е целосно уништена.
– Имам пријатели во близина на ова место. Ми кажаа дека непосредно пред експлозијата виделе чуден предмет како паѓа од небото над селото. Неколку секунди подоцна дошло до силна експлозија која ја потресе целата област. Луѓето се сомневаат дека се работи за залутан проектил или дел од соборена ракета, најверојатно насочена кон Украина – изјави волонтер со кој разговараше новинарка на „Wyborcze“.
На местото е воведена целосна информативна блокада, а ниту полицијата ниту пожарникарите не даваат никакви информации. Над местото на ударот кружат хеликоптери.