Први резултати од прекуокеанските територии: Ле Пен убедливо води

од Nikola Popovski
291 прегледи

Во француските прекуокеанските територии вчера почна гласањето во вториот круг од претседателските избори, а според резултатите во Мартиник, Гвадалупе и Гвајана, Ле Пен победила доста убедливо.

Резултатите од овие територии ги објави белгиската RTFB, повикувајќи се на веродостојни извори.

Француските медиуми не ги објавија овие резултати, бидејќи според законот, ниту еден медиум од Франција не смее да ги објавува изборните резултати од која било територија што и припаѓа на Франција до затворањето на гласачките места во земјата, што ќе се случи во повеќето општини во 19 часот, додека во поголемите градови како Париз или Ница гласањето трае до 20 часот. Секој медиум што ќе го прекрши ова правило ќе биде казнет со 75.000 евра.

Медиумите од странство немаат ограничувања, поради што резултатите од прекуокеанските територии често се појавуваат први во европските медиуми.

Така, белгискиот RTBF пишува дека Гвадалупе Ле Пен освоила 69,60 отсто од гласовите, наспроти 30,40 отсто, кои ги добил Макрон. Излезноста на овој остров била 47,18 отсто.

Во Мартиник Ле Пен освои 60,87 отсто од гласовите, додека Макрон 39,13 отсто со излезност од 45,45 отсто. Кандидатката на екстремната десница е прва и во Гвајана со 60,70 отсто од гласовите, додека Макрон освоил 39,30 отсто.

Во Француска Полинезија, пак, Макрон освоил 51,81 отсто од гласовите.

Иако се работи за мал број гласачи, резултатите се многу интересни, особено ако се има предвид дека Макрон бил супериорен во однос на Ле Пен пред пет години.

Истиот извор наведува дека Макрон има предност кога се гледаат резултатите од гласањето во Латинска Америка. Актуелниот претседател освоил 89 отсто од гласовите во Аргентина, 86 отсто во Бразил, 87 отсто во Чиле, 86 отсто во Канада (нема резултати од Ванкувер) и 92 отсто во САД (без Чикаго и Њу Орлеанс).

Според анкетите, актуелниот претседател Емануел Макрон е чекор поблиску до нов петгодишен мандат. Анкетата спроведена два дена пред вториот круг од изборите, чии резултати ги пренесува „Фигаро“, предвидува победа на Макрон со 53 отсто од гласовите, наспроти 47, кои би ги добила неговата противкандидатка Марин Ле Пен.

Првите резултати ќе бидат познати во 20.00 часот.

Победникот ќе ја води Франција во следните пет години. Ако победи Макрон, нема да има период на транзиција на власта, но ако победи Ле Пен, таа би можела да се пресели во Елисејската палата на 13 мај.

Слични содржини