Првиот брод со жито што го напушти украинското пристаниште според договорот постигнат минатиот месец во Турција нема да пристигне денеска во Либан како што првично беше планирано, соопшти украинската амбасада во Либан.
Бродот „Разони“ го напушти пристаништето во Одеса на Црното Море минатиот понеделник наутро, превезувајќи товар од 26.527 тони пченка и требаше да се закотви денеска во северниот либански пристанишен град Триполи, соопштија украинските власти и либанските пристанишни власти, пренесува „Ројтерс“.
Украинската амбасада во Либан објави дека бродот „задоцнил и нема да пристигне денеска“, без детали за новиот датум на пристигнување или причината за доцнењето, а официјалните податоци на Меѓународната служба за следење на бродови покажаа дека бродот бил блиску до брегот на Турција утринава.