Бугарскиот претседател, Румен Радев, му го врачи мандатот за формирање на нова бугарска Влада на Кирил Петков, копретседател на победничката партија на изборите од 14 ноември „Промените продолжуваат“.
Нулта толеранција за корупција ќе биде мотото на нашата влада. Ќе формираме и собраниска комисија, изјави Петков, пренесува БГНЕС.
Нема да се потроши ниту еден лев на погрешен начин. Ако некој може да си дозволи такво нешто, ќе се обидеме да го фатиме. Ќе бараме одговорност за секој чекор настрана, рече кандидатот за премиер.
Петков потврди дека Теодора Генчовска е кандидат за министер за надворешни работи. Таа е од редовите на „Има такви луѓе“.
Досега не беше јасно кој ќе раководи со Министерството за култура, појасни Петков за ова прашање: Атанас Атанасов е номинација за министер за култура. Тој е млад човек кој има визија и посакува Бугарија да стане една од културните дестинации во Европа. Ќе и дадеме нов поттик на бугарската култура.
Првите задачи кои идниот премиер ги наведе за новата влада се: Првиот чекор е контрола на цената на струјата. Вториот чекор е надминување на кризата со Ковид, рече Петков. Судските реформи и CCCIPI се исто така меѓу главните задачи.
Стабилноста на коалициската влада ќе биде во функција на тоа колку добро секој од министрите си ја врши работата, рече Петков и нагласи дека се надева дека преку комуникација ќе може да ги координира четирите коалициски партнери. Проблемите во моментов се толку акутни што додека не се справиме со првите задачи, сите разлики се оставени настрана, рече тој.