Бразилецот Касемиро го даде првото интервју по преселбата од Реал Мадрид во Манчестер Јунајтед.
„Клубот и стадионот „Олд Трафорд“ имаат огромна историја. Сè што можеше да се освои е освоено. Сакам да запознаам нови соиграчи и да му помогнам на клубот што е можно поскоро“, изјави 30-годишниот играч од средниот ред за клупската веб-страница.
„Се вратив овде после 15 години. Многу луѓе не знаат дека играв овде кога имав 15 години и бев играч на Сао Паоло. Кога играв на тој турнир, сакав еден ден да играм за Јунајтед. Сега кога сум повторно тука, јас сум најсреќниот човек на светот и едвај чекам да играм за да му помогнам на тимот да освои трофеи“, изјави Касемиро, откако беше прашан како реагирал кога првпат слушнал за интересот на Јунајтед.
„Па, тоа е најголемиот клуб во Англија. Среќен сум и едвај чекам да дебитирам“, рече тој и истакна дека негов сон бил да се натпреварува во Премиер лигата.
„Мојата сопруга зборува англиски. Имам седумгодишна ќерка и едногодишен син. Тие зборуваат англиски малку подобро од мене. Жал ми е што не зборувам англиски со вас и со обожавателите. но сакам да го научам“, рече Касемиро.
Тој повторно ќе игра со поранешните соиграчи од Реал, Кристијано Роналдо и Рафаел Варан.
„Задоволство е да се игра со нив. За Роналдо би можеле да зборуваме цел ден, тој е еден од најдобрите во историјата на оваа игра“, смета Касемиро.
Касемиро дојде во Јунајтед за 70 милиони евра. Тој потпиша четиригодишен договор со опција за продолжување на уште една година.
За бразилската репрезентација забележа 63 настапи и постигна пет гола. Тој ќе биде важен дел од оваа селекција на Светското првенство во Катар.