Полни 18 години откако го напушти Манчестер Јунајтед во Реал Мадрид, откако постигна 150 гола на 219 натпревари и ја освои Премиер лигата, ФА Купот, Лига купот и Комјунити Шилд, Руд ван Нистелрој се враќа на „Олд Трафорд“.
Овој пат како тренер. Помошен. А за во иднина…ќе видиме.
Ерик тен Хаг реши, откако ја доби поддршката од новите косопственици на клубот и потпиша продолжување на соработката до 2026 година, прво да го засили стручниот штаб. Секако, тој се одлучи за своите сонародници, па поранешниот голгетер на тимот наскоро ќе се врати во Карингтон во друштво на Рене Хаке.
Во текот на кариерата Хаке работеше и како помошник и како главен тренер, но не „дофрли“ подалеку од холандската лига и Твенте, Камбур, Утрехт и Го Ахед Иглс.
Оваа вест ја соопшти италијанскиот трансфер гуру Фабрицио Романо.
Потсетуваме, Ван Нистелрој во март 2022 година го замени отпуштениот Роџер Шмит на клупата на ПСВ Ајндховен, го освои Јохан Кројф Шилд (Суперкуп) и Купот на Холандија во првиот обид, а потоа поднесе оставка пред крајот на холандската лига минатата сезона. Како причина тој го наведе недостатокот на поддршка во клубот.
Засега Јунајтед испрати само шест играчи, на пет им истекоа договорите (Омари Форсон, Рафаел Варан, Антони Марсијал, Шола Шортер и Брендон Вилијамс) и еден кој беше на позајмица (Софиен Амрабат). Алваро Карерас беше продаден на Бенфика за шест милиони евра.
Кога станува збор за „пристигнувања“, засега станува збор само за играчи кои се вратиле од позајмици: Џејдон Санчо, Мејсон Гринвуд, Ханибал, Факундо Пелистри и Дони ван де Бик, кој е пред преселба во Џирона.