Првпат италијанска паралелка во гимназијата „Никола Карев“

од Берта Китинска
316 прегледи

Градоначалникот Петре Шилегов и министерката за образование, Мила Царовска денеска ги посетија средношколците во гимназијата „Никола Карев“, на почетокот на новата учебна година. На сите ученици, професори и родители тие им пожелаа многу успеси во учењето и во нивниот личен и професионален развој.
– Дозволете ми на сите околу 22.500 средношколци во Скопје да им пожелам успешен старт и успешен тек на новата учебна година, учебна година во која децата се враќаат во клупите по пауза од година и пол. Очекувам дека со заеднички сили ќе успееме децата да ја завршат учебната година во училишните клупи. Градот Скопје во сите 23 средни училишта со кои што раководи, во соработка со Министерството за образование и со Министерството за здравство, ги презема сите неопходни мерки кои ќе гарантираат безбедна посета на наставата. Разговараме и со децата и тие да придонесат да го зачуваме здравјето и да го спречиме ширењето на ковид вирусот – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој изрази задоволство од отворањето на паралелка во гимназијата „Никола Карев“ која ќе изучува италијански јазик, како трет јазик во наставата.
– Станува збор за група од 23 деца кои се запишани во прва година, кои во две смени ќе ја посетуваат оваа настава и кои на крајот на своето образование ќе се стекнат со Б2 сертификат за познавање на италијанскиот јазик – објасни Шилегов.

Италијанска паралелка се отвора за прв пат во нашата земја, на иницијатива на средното училиште „Никола Карев“, а со поддршка на Град Скопје и Амбасадата на Италија. Запишаните ученици ќе го изучуваат италијанскиот јазик со 6 часа неделен фонд. Тие ќе имаат прилика да изучуваат италијанска книжевност, култура, историја и уметност, а по завршувањето на четиригодишното образование ќе се стекнат со сертификат за познавање на јазикот со ниво Б2. На тој начин на учениците кои следеле настава во италијанската паралелка им се овозможува полесно да се запишат на некои од универзитетите во Република Италија.

Градот Скопје очекува интересот за настава на италијански јазик во иднина да се зголеми поради фактот што во основните училишта на територијата на Скопје веќе има интерес за изучување на италијанскиот јазик.
Министерката Царовска денеска порача дека е многу значајно секој поединец кој што во моментов е во некаква конекција со системот на образование да биде одговорен, зашто мала неодговорност може да придонесе одредени училишта да треба да го променат моделот на функционирање.

– Во највисок интерес на сите ученици, а со тоа, во највисок интерес за иднината на државата е учениците да учат со физичко присуство и да ги почитуваат протоколите – рече Царовска.

На денешната посета на гимназијата „Никола Карев“ присуствуваше и амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри.

Слични содржини