Психичка поддршка и совети за младите по убиството на Вања: „Децата учат по модел, да не се формира непосакувана слика за светот во кој допрва ке зачекорат“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Домашната и регионалната јавност се длабоко потресени и вознемирени од трагичните настани во кои беа убиени 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Незапаметената општествена трагедија што ѝ се случи на Македонија не остава никого рамнодушен. Се наметнуваат многу дилеми на кои граѓаните и јавноста бараат одговори, но клучното прашање е дали и како ќе се надминат трауматичните моменти кај младите, особено кај децата од основното училиште, кое посетувале настава заедно со Вања. Евидентно е дека во земјава и регионот во пораст се случаите насилство, разни форми на психичко и физичко малтретирање, промовирање искривени вредности на општеството. Оттаму потребни ќе бидат совети до родителите и децата, но и некаква превенција од вакви грозоморни чинови.

Според експертите, случајот со Вања е трауматско доживување не само за младите туку и за сите нас и претставува загуба не само за семејството, туку и за општеството и општествените вредности. Психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска во разговор за „Локално“ вели дека трауматските случувања како овој го разнишуваат нашето чувство за сигурност и за контрола како и чувството за поврзаност со останатите.

Радмила Манчевска

-Трауматските искуства ја менуваат детската внатрешна слика за светот така што го обликуваат сфаќањето за себе и другите, формираат несигурност и очекувања за иднината кои влијаат на очекувањата за светот и за сигурноста на животот со другите како и на чувството на личниот идентитет. Трауматското искуство може да влијае на сите подрачја на животот: на чувствата, мислењето, однесувањето, социјалните релации како и на телесното здравје, истакнува Манчевска.

Посочува дека после овој трауматски настан природно е да се зголеми стравот на родителите и зголемена чувствителност кај младите во однос на одредени надворешни звуци како што се сирените, зголемена галама, вибрации и др.

-Овие дразби можат да поттикнат чувство на страв, анксиозност или паника. Затоа е значајно да се разговара со децата, да се бара поддршка во својата околина и блиските. Да се разговара за ситуацијата и чувствата кои се поврзани со неа, дури може да се изразат чувствата и преку цртање, музика, пишување пораки и сл. Да бидеме свесни за причините кои довеле до немилиот настан и да не дозволиме само едноставна идентификација, туку да бидеме свесни и за нашата ситуација, советува психологот.

Според неа, значајно е младите да почувствуваат поддршка и сигурност, дека тука сме со нив и заради нив.

-Да се заштитат од секакви шпекулации кои може да се видат на социјалните мрежи и да се разговара со нив целосно отворено со искрено изразување на нашите чувства и грижа за нив. Како родители да бидеме трпеливи и да ги следиме нивните реакции, да ги почитуваме нивните чувства и да ме го минимизираме злосторството. Доколку вознемиреноста продолжи значајно е да се побара стручна психолошка помош, децидна е Манчевска.

Ивана Велевска, училишен лиценциран психолог и семеен и системски советник за „Локално“ објаснува дека од вчера не верува дека имало некој кој мирно спиел или родител кој од денес нема да биде презаштитнички настроен кон своите деца. Вели дека очекувано е да биде така, да се плашиме за безбедноста на нашите деца.

Ивана Велевска

-Стравот е неизбежен, овде е и можам да кажам дека потребно е само да си го гушнеме. Кога велам да го прегрнеме стравот мислам на тоа да го прифатиме,овде е и наш си е, да не се правиме силни, бидејки верувам дека не постои човек кој не го допре оваа трагедија. Затоа препорачувам да се зборува за тоа што ни тежи и не плаши, истакнува соговорничката.

Како и секогаш и при секој проблем на родителите, додава Велевска, би им препорачала да се поприсутни во животот на своите деца, да даваат безрезервна пддршка и да одговараат на сите поставени прашања во врска со случајот на Вања.

-Но во исто време доколку забележат дека нивното дете не сака да разговара, да го остават, да не се форсира разговор, но да се следи и ограничи нивното примање на информации од медиумите и социјалните мрежи. Исто така многу е важно да се прифатат чувствата кои ке ги искажуваат децата во овој период и да не се осудуваат поради истите.  Тоа може да бидат тага, гнев и лутина,збунетост, незадовлсто и сл. Кај децата можно е да се појават психосоматски реакции, анксиозност, панични напади, незаинтересираност за активностите кои ги имале,неизвршуање на секојдневите обврски, страв за блиските, но и страв за себе, наведува психилогот.

Замолува на многу трпение и да не се минимизира злосторството туку отворено да се зборува за тоа (секако многу е важна и возраста на детето).

-За помалите деца (предшколска возраст и од пониските оделенија) доколку не се информирани за случајот возрасните да внимаваат што зборуваат пред нив. Добро би било доколку не стигнала информацијата до нив, да се обидеме така да остане со цел да не се формира непосакувана слика за светот во кој допрва ке зачекорат. Сите се свесни дека после вакво злосторство, родителството станува уште потешко…..улогата на родителите се менува. Приоритетите ке се сменат, но и покрај се јас верувам во моќта, љубовта и поддршката која еден родител може да му ја пружи на своето дете, ни рече Велевска.

Потенцира дека најважно од се е родителите постојано да ги потсетуваат своите деца за својата безусловна љубов кон нив и дека секогаш ќе се тука за нив и дека на овој суров свет не се сами. Образложува дека случајов не научи дека никој друг не може да повреди дете на начин на кој што тоа може да го направи родителот.

-И како за крај, мојата омилена реченица е „децата учат по модел“. Па во однос на тоа би додала дека е сосема прифатливо и возрасните да се под силен стрес, но обврската на родителот е да покажува здрави навики за справување со истиот, како и способност за надминување на ваквите стресни ситуации. Секако важно е да се каже дека доколку родителите во иднина забележат поинакво или променето однесување кај своите деца и доколку се чувствуваат немоќни да помогнат, не е срамно да се побара стручен совет, мислење и поддршка и за себе и за своите најмили, додава психологот.

Н.П.

Слични содржини