Психолог Велевска-Блажевска: Со честите лажни дојави за бомби учениците индиректно се учат на несериозност, неодговорност и како да лажат

од Nikola Popovski
445 прегледи

Училиштата и градинките низ земјава почнаа да ги спроведуваат новите упатства од Министерството за внатрешни работи за евентуални дојави за поставени бомби. Дали има дојави за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во останатите објекти во земјава, знае само полицијата. Јавноста нема да биде информирана согласно новите протоколи кои ги воведе МВР, освен во случај заканата да е реална.

Со оглед на долгиот период колку што траат лажните закани, се поставува прашањето како овие дојави влијаат врз менталното здравје на учениците и дали може да предизвикаат стрес, анксиозност и друго чувство или состојба?

Ивана Велевска-Блажевска

Ивана Велевска-Блажевска, училишен лиценциран психолог и семеен и системски советник за „Локално“ објаснува дека дојавите за бомби во училиштата негативно се одразуваат врз менталното здравје на учениците, па и на наставниците.

-Секако дека стресот е често присутен кај многу ученици, но кај помалите ученици е е многу поизразен, тие не знаат да ја сокријат својата вознемиреност. Исто така појавата на стресот многу зависи и од начинот на кој учениците ја примаат информацијата дека мораат да ја напуштат училишната зграда. Анксиозноста како состојба и без дојавите за бомби е се почеста состојба кај учениците во денешно време, а ситуацијава со дојавите на бомби дополнително допринесува за појавата на анксиозно однесување кај нив. Други чувства кои се јавуваат се чувство на несигурност, незаштитеност како и чувство на отсутност. Според мене сметам дека оваа ситуација како што и веќе спомнав кај најмалите може да предизвика најмногу стрес бидејки само што започнале да го осознаваат образовниот процес наидуваат на пречки кои можат да допринесат сериозни последици за тоа како тие во иднина ке гледаат на образовниот систем и со колкава одговорност ќе гледаат на училишните обврски. Овде голема улога секако имаат и родителите односно семејството каде што расте детето, што ќе слушне од возрасните за овие дојави за бомби и како му е објаснета целата ситуација поврзана со евакуација на учениците, вели Велевска.

Таа порачува дека кај одредени ученици постои ризик да покажат одбивност кон училиштето и одбивност кон извршување на секојдневните училишни обврски.

-Исто така можам да кажам дека се менува и односот на учениците кон наставниците со тоа што помалку ги почитуваат, влегуваат во конфликт со нив поради тоа што едноставно немаат пример за тоа како треба да функционира една образовна институција. Со честите лажни дојави за бомби учениците индиректно се учат на несериозност, неодговорност, се учат како да лажат, манипулираат и како да ја постигнат посакуваната цел на што е можно полесен начин….бидејки нели тоа им е моментално сервирано од образовниот систем, оценува Велевска-Блажевска.

За дали oнлајн-наставата носи стрес или можеби задоволство кај некои ученици, психологот смета дека различни ученици имаат различни желби и потреби.

-Но дека одлуката за таков вид на настава носи стрес за родителите и за наставниците тоа со сигурност можам да го потврдам. Претпоставувам дека не е воопшто едноставно да се обезбеди и да се менаџира тој тип на настава, ни за наставниците ни за родителите, а пред се верувам и дека немаат сите услови за тоа. За квалитетот на наученото не би ни коментирала бидејки не сум наставник и не сум имала лично искуство онлајн со ученици, но според мене сметам дека многу полесно е да се одржи концентрацијата на учениците во живо отколку пред екран, каде што наставникот нема доволно моќ за да тоа…само многу амбициозните ученици можеби не би пропуштиле многу од ваков тип на настава, ни рече Велевска-Блажевска.

Во вакви ситуации, психологот заклучува дека училишните психолзи покрај реализирање на работилници за справување со стрес или правилно реагирање во кризни ситуации, можат да помогнат и со индивидуални разговори со учениците кои се чувствуваат небезбедно во училиштето и нивно советување за надминување на стравот и стресот.

-Покрај тоа добро би било да соработуваат и даваат насоки на родителите со цел заеднички да се помогне на децата на кои овие дојави за бомби им предизвикуваат голем стрес и чувство на небезбедност, додава Велевска-Блажевска.

Н.П.

Слични содржини