Психологија на македонскиот граѓанин и изборите во Кочани: „Се менуваат ли рамките на нормалното и ненормалното?“

Поважен ли е индивидуалниот бенефит наспроти колективното добро кај македонските гласачи?

од Бисера Трајковска
33 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Состојбата која се случува во државата додека во тек се локалните избори, несомнено го поставува прашањето дали личниот бенефит кај граѓаните е многу поважен од општото или колективно добро, дали е ова културолошки проблем кој го влечеме „од дома“ и како да се искорени?

Психолот Радмила Манчевска за „Локално“ во однос на гласањето во Кочани, вели дека најверојатно луѓето се определуваат за одредени ставови искажани од кандидатите.

-Секој ги толкува работите поврзани со ставовите кои што ги имаат кандидатите. Едните кандидати имаат ставови во насока на обвинување на кандидатите од спротивна партија и обратно. Зависи од која перспектива гласачите ги толкуваат работите, вели Манчевска.

На прашање зошто личниот бенефит на самите гласачи, пример за вработување во институција, е поважен од општото добро за целата држава, психологот Манчевска посочува дека генерално, се движиме во насока да бидеме повеќе егоцентрични, а помалку емпатични, и тоа е нешто што во голем степен влијае на целокупните случувања.

-Се случува девалвација и опаѓање на морални вредности и на некој начин граѓаните се навикнуваат да ги прифаќаат работите здраво за готово. Станува нормално секој да се грижи најпрвин за себе и да си ги вработи своите најблиски, оценува Манчевска.

Таа е на ставот дека се менуваат рамките на нормалното и ненормалното. Како што посочува, она што порано било неприфатливо, сега е прифатливо и е во рамки на нормалното. 

-Целокупната политика оди во насока на девалвација на колективното добро, за разлика од претходните децении, кога било понагласено, вели Манчевска. 

Фото: Фејсбук

Таа смета дека менување на вредностите бара време, но треба да се едуцира населението преку промовирање на општи вредности.

Прашана дали сето ова е производ на подложноста на многуте дезинформации кои се читаат на социјалните мрежи и самата необразованост на граѓаните или сепак е прашање на моралот, Манчевска е децидна дека тука можат да влезат повеќе фактори. 

-Прво, се менуваат моралните вредности. Второ, работите се вреднуваат низ призма на парите. Фокусот на материјалното е многу понагласен за разлика од фокусот кон оние морални и духовни вредности, кои што порано беа многу позастапени. Се создава тенденција на девалвирање на другите, за самите себе да се истакнеме повеќе. Во голем дел влијае и споредувањето со другите, како и потребата за полесно доаѓање до финансиска добробит, додава Манчевска.

Таа ги обвинува и политики на владите кои не ставаат фокус кон општата добробит и кон колективизмот, туку се раздвојуваат луѓето по политичка, национална и етничка основа.

Според Манчевска, доминира индивидуата и индивидуализмот над колективното.

Таа смета дека е потребно да се изгради Национална стратегија, во која би биле вклучени политичките лидери, кои во голем дел влијаат на подвојување на населението.

-Треба да се постават јасни морални правила и критериуми во однос на вработување. Во последно време исто така имаме девалвација на авторитет, а треба да се вреднува стручноста и искуството, додава психологот.

Како што појаснува, менувањето на ставови и вредности бара време и посветеност, и затоа е потребно да се почне со едукација на населението преку носење јавни политики преку личниот пример.

-Политичарите зборат едно а прават друго и се создаваат двонасочни и контрадикторни информации, додава Манчевска.

Според психологот, важно е да се направи глобална анализа и соодветна стратегија, каде што ќе бидат вклучени повеќе институции, со цел едукација на населението и промоција на општите вредности.

Б.Т. 

Слични содржини