Многу млади луѓе денес се борат со анксиозност, мала самодоверба, невозвратена љубов, разочарувања… сето ова доведува до рушење на менталното здравје. Брзиот начин на живот носи големи предизвици, па често и младите бараат стручна помош за одржување на менталното здравје.
За разлика од минатото луѓето денес не се срамат да отидат и да побараат стручна помош, но откако современата технологија напредува и светот ја измисли вештачката интелегенција, стручната помош младите почнуваат да ја бараат и преку апликацијата ChatGPT.
На овие прашањa побаравме стручно мислење од психологот Радмила Манчевска која се обиде прецизно да ни објасни што преставува новото време за младите и дали Al може да биде психолог.
-Дали вештачката интелигенција може да биде психолог, ќе кажам дека не може и покрај тоа што многу млади добиваат одредена поддршка од AI.
Според етичките и професионалните стандарди, вештачката интелигенција не може да биде психолог во вистинска смисла на зборот.
Причините се:
Нема свесност и емпатија: Може да симулира разбирање и емпатија, но нема автентично чувство или човечка интуиција.
Нема клиничка одговорност: Психологот носи професионална и етичка одговорност за секој збор и интервенција — вештачката интелигенција не може да сноси одговорност ако советот предизвика штета.
Не може да следи невербални знаци: Психолошкото советување често се базира на невербална комуникација, глас, контакт со очи — нешто што AI го нема, рече Маневска но додаде дека Al има и свои предности поради кои младите знаат често да ја користат.
Достапност 24/7: Младите имаат постојан пристап до одговори, поддршка и информации.
Анонимност: Лесно е да се зборува за срамни или интимни проблеми без страв од осуда.
Намалување на стигмат: За некои, ова е прв чекор кон барање професионална помош, со што се охрабруваат да го осетат тоа искуство и да ги искажат своите проблеми, а тоа им нуди структуирање на мислите и нивно преиспитување, рече таа.
Новото современо време го олеснува начинот на информирање, па така со ChatGPT може да се самодообразувате, но Маневска напоменува дека со вештачката интелегенција може да дојде и до лажна сигурност , па младите можат да помислат дека е доволно да се „разговара“ со бот наместо со вистински стручњак. Исто така, вели, добро е да се знае дека одговорите често знаат да бидат површни и дека Al не препознава итни состојби како што се ризик самоубиства, психоза…
„Постои и ризик од изолација. Ако младите премногу се навикнат да споделуваат емоции само со машина, може да ги избегнуваат реалните контакти и да живеат во одреден виртуелен свет“, истакнува психологот.
Денес се помалку луѓето се емпатични, дури можеме да кажеме дека поголемиот дел од помладата популација не е емоционална зрела, колку Al може да има бенефит и дали вештачката интелегенција може да не научи како да ги изразиме своите емоции и чувства?
-AI може да помогне да се развијат одредени аспекти, но само информативно, но не искуствено. Тоа значи дека AI може да објасни што значат одредени концепти поврзани со емпатија, асертивност, регулација на емоции, може да .даде вежби, тестови и сценарија за вежбање, но не може искуствено да го примени тоа ниту да покаже што значи емпатијата, бидејќи таа се чувствува и доживува во непосредната комуникација. Вистинската емоционална интелигенција се учи низ реални односи — конфликти, љубов, разочарања, искрена повратна информација и живи емоции, рече Маневска и посочува дека ако Al е главен „пријател“ може да дојде до асоцијалност кај младите
– Би кажала ДА, постои ризик младите да се одвикнат од непредвидливоста на живата комуникација.
Се намалува толеранцијата кон непријатни чувства во интеракции со луѓе — бидејќи машината секогаш е „љубезна“. Според неа, ова може да доведе до Социјална анксиозност.
-Повлекување и затварање во себе и во сопствениот имагинарен свет. Тешкотии со градење реални односи и создавање на нереални очекувања кои дополнително може да ја отежнат непосредната комуникација и да создадат лажна слика за ситуациите и другите луѓе, порача таа.
Откако ги анализиравме овие прашања со психологот, природно ни се наметнува прашањето дали оваа вештачка интелегенција може да ја загрози работата на психолозите и дали треба се плашат за опстанок на нивната професија.
-Не. Добрите психолози секогаш ќе бидат потребни. AI може да биде дополнителна алатка, но не и замена за жив контакт, емпатија и одговорност. Верувам дека професионалците што ќе го прифатат AI како партнер, а не како ривал, ќе бидат уште поуспешни, затоа што AI има специфични апликации за ментално здравје. Многу апликации за анксиозност, депресија или mindfulness имаат AI компонента — и тоа е добро бидејќи може да се најдат многу потсетници, дневници и когнитивни техники како и вежби кои искусен психолог и психотерапевт може да ги практикува. Но кога станува збор за сериозна депресија, зависност или ризик од самоповредување — тоа никогаш не може да биде замена за непосреден третман исполнет со жив разговор, емпатија, разбирање и следење на процесот, рече психологот Радмила Маневска.
В.П.