Иако поради повреда го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите против Лајпциг и пресметката со Бордо во домашниот шампионат, Меси отпатува на репрезентативниот собир на Аргентина.
Лионел Меси дојде во Париз со невидена помпа. Тој беше претставен како најголемото засилување во историјата на клубот, но по голема еуфорија следеше незадоволство.
Не го добија тоа што го очекуваа. Меси е бледа сенка на тој играч од Барселона – блед, изгубен, невидлив на теренот. По лошите игри следуваа проблеми со повреди, па тој превентивно беше изваден од игра против Лил, а потоа ги пропушти натпреварите со Лајпциг и Бордо.
Сепак, тоа не го спречи да ја прифати поканата на аргентинската репрезентација.
Во Пари Сен Жермен се бесни поради неговата одлука.
„Не се согласуваме да пуштиме играч кој не е физички подготвен или кој е во фаза на рехабилитација. Тоа не е логично и нема смисла. Оваа ситуација бара од нас да ги дефинираме работите со ФИФА“, изјави спортскиот директор Леонардо, цитиран од „Ле Паризиен“.
Парижаните сепак не можат да го спречат Меси да игра за Аргентина, бидејќи се согласиле на се што тој побарал за да го доведат во клубот ова лето. Така, тие ја прифатија клаузулата дека репрезентацијата на Аргентина е приоритет.
Меси може да игра за „гаучосите“ кога сака, а ПСЖ не може да го спречи.
Аргентина ќе одигра две дербија во квалификациите во овој циклус. Најпрво ќе гостуваат во Уругвај на 13 ноември, а четири дена подоцна ќе им гостува лутиот ривал Бразил.