Најбогатото семејство во Франција, Арно, објави дека планира да го купи фудбалскиот второлигаш Париз, со амбиции трајно да го етаблира тој клуб во првата лига.
Мнозински акционер на клубот ќе биде компанијата „Агаче“, која е во сопственост на семејството Арно, додека малцинскиот дел ќе го има компанијата „Ред Бул“.
„Историјата и развојот на фудбалскиот клуб Париз отелотворува сосема поинаков аспект на фудбалот во главниот град. Со доаѓањето на компанијата „Агаче“ како мнозински акционер, клубот ќе добие нова димензија со нови цели и критериуми за успех“, се вели во соопштението на компанијата „Агаче“.
Се очекува семејството Арно да купи 55 отсто од акциите, од Ред Бул 15 отсто, додека актуелниот сопственик Пјеро Ферачи, кој ќе остане претседател на клубот, се очекува да го задржи остатокот од акциите за себе.
Во соопштението не се наведува конкретната вредност на договорот, но компанијата „Агаче“ соопшти дека „ќе му ги обезбеди на клубот потребните ресурси“ и дека сака „да воспостави машки и женски тим меѓу елитата на францускиот фудбал и во срцата на парижаните“.
Компанијата „Ред Бул“, која овој месец го ангажираше поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп да ја надгледува работата на клубовите што ги поседува, првенствено ќе ја има улогата на советник за спортски прашања, додека „Агаче“ ќе се занимава со финансиите и брендирањето на тимот.
Париз, кој е основан во 1969 година, нема постигнато некој позначаен успех во својата историја, а моментално го зазема првото место на табелата на француската втора лига. Женската екипа на Париз игра во првата дивизија на Франција.
Бернард Арно, сопственикот на компанијата LVMH, е на самиот врв на листата на „Форбс“ за најбогати луѓе во светот, со богатство кое надминува 150 милијарди долари.
Неговиот син Антоан, кој ќе биде претставник на семејството во бордот на директори на Париз, изјави дека „фудбалот отсекогаш бил нивна страст“ и дека „се надева дека со текот на времето заедно ќе напишат ново и возбудливо поглавје на францускиот фудбал“.