Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар има две повреди по дербито на Марсеј (3:0). Најскапиот фудбалер во светот беше принудно заменет и изнесен од теренот на носилка.
Вчера 26-годишниот Бразилец помина детални медицински прегледи на десната нога, а резултатите беа објавени на официјалниот сајт на ПСЖ.
Според дијагнозата, Нејмар има истегнување на лигаменти на глуждот, како и фрактура на петтата метатарзална коска на стапалото.
Се смета дека закрепнувањето од ваквите повреди ќе потрае неколку недели. ПСЖ не споменуваат кога Бразилецот ќе се врати во игра, но најверојатно ќе го пропушти 1/8-финалниот реванш од Лигата на шампионите против Реал (Мадрид) на 6 март. Како што знаеме, шпанскиот гигант го освои првиот натпревар со 3: 1.
ПСЖ, исто така, даде објаснување за повредата на бразилскиот дефанзивец Маркињос. 23-годишниот дефанзивец има мускулно растегнување на квадрицепсот на левиот бут. Во неговиот случај, парижаните исто така не споменуваат време за враќање на теренот.