Бразилската ѕвезда на Пари Сен Жермен, Нејмар избегна сериозна повреда, но останува неизвесен за реваншот од Лигата на шампионите против Реал Мадрид следната недела.
Нејмар стапна на криво и го исчаши десниот глужд во победата од 3: 0 над Олимпик Марсеј синоќа во натпреварот од 27-то коло на Лига 1. Тој ја напушти принудно игра, откако беше изнесен на носилка на 25 минути пред крајот.
Истражувањата не покажаа фрактура или сериозно истегнување на лигаментите на глуждот, но Бразилецот ќе носи специјална шина на ногата во следните неколку дена.
Од ПСЖ не коментираа кога очекуваат да се врати, но тој сигурно ќе го пропушти четвртфиналето од Купот на Франција, исто така против Олимпик Марсеј во среда, како и дуелот од првенството против Троа во сабота.
Тренерот на ПСЖ, Унаи Емери изрази надеж дека Нејмар ќе биде на располагање за дуелот со Реал Мадрид на 6 март, во кој Французите треба да израмнат негатива од 1: 3 од првата средба. Нејмар има 29 гола и 17 асистенции во 29 официјални натпревари на Пари Сен Жермен во оваа сезона.