Младата ѕвезда на Челси, Кол Палмер го игра фудбалот на животот. 22-годишниот офанзивен играч за врска е еден од најдобрите играчи во Премиер лигата оваа сезона, со 13 гола и шест асистенции, и по двата критериуми е на врвот во лигата. Тој го продолжи својот фантастичен успех од минатата сезона, кога имаше 22 гола и 11 асистенции, а беше и еден од клучните играчи летово во походот на англискиот тим за пласман во финалето на Европското првенство.
Порталот Fichajes под наслов „бомба“ пишува дека Палмер го привлече вниманието на голем број европски гиганти со својот „метеорски подем“ во лондонскиот клуб, а најконкретен меѓу нив во моментов е ПСЖ. Актуелниот француски шампион во сопственост на арапски капитал е подготвен да потроши огромни пари.
Во случајот на Палмер, нивната понуда би можела да изнесува нереални 200 милиони евра. ПСЖ е сопственик на трансфер рекордот од 2017 година кога го донесе Нејмар од Барселона за 220 милиони евра, а една година подоцна го реализираше вториот најголем трансфер досега купувајќи го Килијан Мбапе од Монако за 180 милиони евра.
Палмер пристигна во Челси есента 2023 година од Манчестер Сити за 47 милиони евра. Ги помина сите помлади категории на „граѓаните“ и доби шанса со Пеп Гвардиола во првиот тим, но тренерот на Каталонците реши да им даде предност на другите играчи.