Пари Сен Жермен многу веројатно ќе се раздели со еден од своите најдобри играчи во последниве години. Станува збор за крилото Анхел Ди Марија. Авторитетното издание „Екип“ тврди дека Аргентинецот во моментов ги игра последните месеци со тимот на Парижани, кои планираат да се ослободат од него по завршувањето на сезоната.
Договорот на 33-годишниот ветеран е до крајот на јуни, кога тој ќе стане слободен играч. Фудбалерот сака да остане на „Паркот на принцовите“ најмалку уште една година пред да се врати во татковината за да ја заврши кариерата. Сепак, се чини дека газдите од Париз имаат други планови и немаат намера да му понудат продолжување на договорот.
Така Ди Марија најверојатно од лето ќе мора да бара нов тим. Аргентинецот беше привлечен во клубот од Манчестер Јунајтед во 2015 година и брзо стана главна фигура. Досега за Париз одигра 283 натпревари на кои постигна 91 гол и 115 асистенции.
Во седумте години колку што беше на Паркот на принцовите, Ди Марија го подобри рекордот на Сафет Сушиќ за најмногу асистенции за клубот. Босанецот има 103 додавања за голови, додека Аргентинецот досега 115.