Пуџдемон мора денеска да ги разјасни дилемите околу независноста

од Vladimir Zorba
117 прегледи

   На каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон денеска му истекува рокот од официјален Мадрид да разјасни дали прогласил независност за време на говор одржан во парламентот минатата недела.

Централната шпанска власт му даде рок прецизно да наведе дали прогласил независност или не.

Пуџдемон рече дека Каталонија пристапува кон прогласување независност, но предложи замрзнување на тоа прогласување за неколку недели за да се овозможи дијалог за посредување со шпанската влада.

Каталонската сепаратистичка група Асамблеа Насионал Каталана го повика Пуџдемон да ги игнорира предупредувањата од централната влада и дефинитивно да прогласи независност истакнувајќи дека понатамошно суспендирање на прогласувањето „нема смисла“.

Ист апел до него упати и клучниот политички сојузник во владејачката сепаратисчка коалиција во Каталонија – Кандидатура за народно единство, кои во писмо го повикаа Пуџдемон дефинитивно да прогласи независност од Мадрид.

Заменичката на шпанскиот премир Сораја Саенс де Сантамарија изјави дека каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон мора да одговори со „да“ или „не“ на барањата од Мадрид – да разјасни дали прогласил независност на Каталонија.

– Тоа е едноставно – да или не. Во рацете на Пуџдемон е да избегне вонредни мерки од централната влада и да ја надмине општествената поделба, нагласи таа./MIA