Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, не така одамна пишувајќи текст на својот фб профил ја информираше јавноста дека лидерот на Левица, Димитар Апасиев е лажниот Че Гевара и дека на Заев му служи како фиктивна опозиција која треба да го раздели опозициското ткиво, но и дека се понтонски мост на СДСМ.
„Лажниот Че Гевара на Заев покрај тоа што е истурена маша, е и лажен револуционер. Че Гевара од човек со хонорари од СЈО, потопен во луксуз и раскош седејќи во скутот на Заев, не бива. Од тука па во иднина ставовите на Левица треба да се гледаат како ставови кои се на услуга на Заев“, напиша Петрушевски.
Петрушевски во текстот објасни дека Апасиев и Левица како лажна опозиција во изминатиот период пишувале само статуси на фб, по некоја пцовка, соблазнување, и празна реторика.
И Апасиев пишуваше на фб. На Мицкоски му порача дека,
-Ќути на двојазично Собрание (и остава двајца пратеници да ја бијат битката со Џафери и ДУИ);
– Прифаќа етницитет во лични карти, ко да сме Руанда;
– Прави кворум на Закон за државјанства, за косоваризација на МК (со цел да им се додвори на наци-фашистите од Алијанса);
Види вака друже.
Скроз си ја згрешил сликата за нас.
Политичкото рацио на Левица не е да донесе некого на власт!
Политичкото рацио на Левица е да стане власт, пишуваше Апасиев на фб.
И додека јавноста ја слушаше жестоката реторика меѓу партиите на Мицкоски и Апасиев, сега веќе коалициски партнери во локалната власт, Левица бланко се договори со политичката десница на чело со ВМРО – ДПМНЕ да формира мнозинство во Советот на Град Скопје но и во другите совети против СДСМ и ДУИ.
Левица преку соопштение потврди дека влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со тоа Советот ќе биде контролиран од опозицијата, која ќе има 24-ца советници.
„Официјално ДУИ и СДСМ ја изгубија локалната власт во главниот град. Парламентарната опозиција обезбеди мнозинство во Советот на Скопје,“ пишува во соопштението на Левица.
Освен Левица, која има четворица советници, во новото мнозинство, покрај десничарската ВМРО-ДПМНЕ (18 советници), ќе учествува уште една десничарска коалиција – Алијанса за Албанците/Алтернатива, која освои две советнички места во Градското собрание.
За СДСМ пак, со најавеното формирање на мнозинство во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица само се потврди дека тие се едно исто, нешто за што одамна зборувале.
-Во недела е потребно обединување на демократските, прогресивните сили во Скопје, во недела е потребно обединување на гласот за напредок. Да не дозволиме остатоците од режимот здружени со лажните левичари да добијат можност да го уништуваат Скопје како што тоа го правеа 27 години. Да излеземе во недела и да гласаме за број 12, да гласаме за Петре Шилегов, да гласаме Скопје да продолжи со својата успешна приказна, рече претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева од СДСМ.
На темата „Како граѓаните да се заштитат од лажните партиски информации“, „Локално“ разговараше со комуникологот Климе Бабунски. Според Бабунски искуствата покажуваат дека и во многу поорганизирани општества постојат сериозни начини за „диверзии“ врз јавното мислење. Тој вели дека во основа станува збор за дезинформации кои не подлежат на проверка на вистинитоста и на фактите.
-Политичките субјекти за време на изборните кампањи, во политичката комуникација условно кажано ги„оправдуваат“ сите средства за да ја постигнат својата цел. Лажните вести, податоците и информациите се во насока, народски кажано да се „шашардисаат“, односно да се збунат гласачите за да може оние што не се убедени да се убедат или, разубетат во постојните ставови, за да се пренесат „жедни преку река“. Прв чекор на нивна елиминација е медиумите да објавуваат проверени факти. Вториот чекор е медиумската писменост на граѓаните за да можат вистината сами да ја распознаваат. Затоа ни треба помош од стандардниот образовен систем и граѓанското општество, вели Бабунски.
Според Бабунски гласачкото тело е „растргнато“ меѓу оние кои веќе се одредиле за било која партија, кои се премислуваат и меѓу оние кои решиле дека нема да гласаат.
-Но, секогаш има и одредена група која „не знае дека нема да гласа“. Тоа е таа група која е поразлична од другите во смисла, дека на крај ќе се определи но, само поради своите сопствени интереси. Токму оваа група го отвора прашањато дали и колку да им се верува на евтините приказни пласирани од одредени партии. Јас до сега не сум сретнал истражувања во Македонија кои ја идентификуваат ваквата група на гласачи. Сметам дека токму овој „зачин“ придонесува многу за конечниот изборен резултат, вели Бабунски за „Локално“.
Во меѓувреме во пресрет на изборниот ден од вториот круг, 31 октомври лидерите на СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и на ДУИ, Зоран Заев, Христијан Мицкоски и Али Ахмети ги повикуваат граѓаните масовно да излезат и да гласаат.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека изборите иако можеби не се историски, ќе имаат историски последици и ќе го дадат правецот на државата. Затоа е многу важно граѓаните да излезат на гласање и да и дадат правец на државата.
-Не може да се ита кон Европската унија и НАТО, кон пријателство со соседите, кон зближување на нашиот мултиетнички народ, ако некој шири национализми, ако некој прави кавги со соседите, ако некој е против Преспанскиот договор или Договорот со Бугарија или Охридскиот договор, знаат граѓаните дека едно со друго не оди, рече Заев.
Тој порача дека од сите коалициски партнери очекува поддршка на договореното. Во Скопје и во Куманово смета на поддршка и од Беса, ДУИ и ДПА. Заев во овие два града поддршка очекува и од Алтернатива, затоа што како што рече „иднината ни е заедничка“.
Б.Т.