Повеќе од два часа му беа потребни на судот за да донесе решение со кое ќе се дозволи јавноста да биде присутна додека се слушаат 137 телефонски разговори кои се однесуваат на Драган Павловиќ – Латас и неговите двајца браќа: Срѓан и Ѕвездан, сите обвинети во предметот наречен „Тревник“.
Одбраната на Латас најпрво побара судот да ја исклучи јавноста кога ќе се слушале телефонските разговори заведени под броевите 28 и 121 , а со образложение дека се работело за снимки во кои имало лични и интимни ставови на обвинетите.
Специјалното јавно обвинителство излезе со став дека наведените причини за отстранување на новинарите немаат своја поткрепа во Законот за кривична постапка, но судечкиот совет, кој најнапред го одби предлогот за исклучување, одлучи да го задржи правото да може да исклучува новинари од судницата, иако веќе беше констатирано дека јавниот е побитен од приватниот интерес.
„Со оглед на тоа дека ниту една разговорите не е јавно објавен, да ни се достави спецификација дека се примени од партијата СДСМ, да ни приложат доказ од примопредавање, со датум и печат. Никој од овде присутните не е експерт за да може да потврди кој се слуша во разговорите кои ќе се слушаат!“ – Драган Павловиќ – Латас
Обвинетиот Латас побара судот да ги повика сите оние чии што имиња се споменуваат во разговорите да дојдат во судот и самите да потврдат дали во наведените термини, навистина, ги обавиле телефонските разговори.
„Не сум толку богат, како што изгледа“, ќе каже обвинетиот Драган Павловиќ – Латас во разговор со извесен Злате Анастасов, за кого, од разговорите, може да се заклучи дека е изведувач на работите.
Инаку, сите снимки кои беа објавени од судот потекнуваат од 2011 година, со што и се потврдува дека изградбата на трите куќи започнало пред да добијат дозвола за градење. /Tv 24